Добредојдовте
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Македонија е древна, библиска земја, географски сместена во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Неправедно е политички поделена по балканските војни (1912-1913), но по долго време и со упорна борба еден од деловите дефинитивно доби статус на држава - Република Македонија.
Република Македонија зафаќа површина од 25 713 км2. Се граничи со неколку држави: на север со Србија, на исток со Бугарија, на југ со Грција и на запад со Албанија. Со сите соседни земји има по неколку гранични премини. Територијата на Република Македонија се одликува со мошне карактеристични и туристички изразити природни фактори кои се согледуваат преку хетерогениот мозаик на релјефот кој, како на шаховска табла, е изразен низ разни геоморфолошки форми од планини, котлини, полиња, долини, клисури.
Поради релјефните одлики, на територијата на Република Македонија се присутни разновидни климатски услови - од типична медитеранска до типична планинска клима. Постојат неколку вида бројни хидрографски објекти (извори, реки, езера, вештачки акумулации) со мошне разновидни туристички потенцијали.